24 сторија: „И без работа и без државна помош“
Foto

24 сторија: „И без работа и без државна помош“

Димче Кочоски угостител од Струга, е само еден од многуте погодени угостителски работници од корона кризата на кој му е нужна финансиска државна помош, бидејќи бизнисот го стартувал две недели пред затворањето на локалите поради пандемијата и во истиот ја вложил целата своја заштеда.

Од тогаш до денес локалот е под клуч и не добил можност да проработи, па така тој нема средства да ги покрие режиските трошоци. Кочоски во неколку наврати барал помош од државата  за да може да го продолжи бизнисот но на сите барања добил негативен одговор од институциите со образложение дека не исполнува ниту еден услов да биде корисник на пакет мерките наменети за угостителите.

Како и сите други аплициравме за Владините мерки во однос на помошта од 14.500 денари меѓутоа од УЈП ми вратија писмо дека не е одоборена финансиска помош поради тоа што не е пријавена плата во последните три месеци нели по законот. Но, јас не можам да ги пријавам тие три месеци затоа што имам отворено во март месец, а работев само 15 дена.

Во исто време УЈП бара да ја поминам мартовската плата инаку ќе следуваат казнени мерки. За трагедијата да е поголема и да се обратам до социјалната ми велат не ве следува затоа што се вработен. Значи од никаде и никаква помош јас во вакви услови не можам да добијам.- вели Димче Кочоски, угостител од Струга.

Кочоски вели не е единствениот кој се соочува со ваков проблем, но дека ако не им се излезе во пресрет на многу угостители како него тие ќе бидат принудени да ги затворат кафеаните. Апелира институциите да ги прошират условите за користење државна помош.

Ако е можно тие мерки да се прошират оти вака ќе треба да затвориме, и не сум само јас вака ги има многу други угостители од Струга во иста положба. Ние имаме семејства кои живеат од овој бизнис и буквално остануваме на улица.- додава Кочоски.

За случајов од министерството за финансии пак го велат следново:

„Користењето на финансиска поддршка во износ од 14.500 денари вработен месечно е условено со дефинирани услови во Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза. Главен услов е работодавачот - барател на финансиска поддршка за месец април или мај 2020 година да има намалувањето на приходите кои произлегуваат од редовното работење за повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. Со оглед дека субјектот не го исполнува условот за намалување на приходите најмалку 30% во април и/или мај 2020 година во однос на приходот остварен во месец март 2020 година, произлегува дека овој субјект не е квалификуван корисник на финансиска поддршка согласно со Уредбата. Во меѓувреме владата го донесе третиот сет на мерки кој предвидува бројни мерки кои се однесуваат на финансиска поддршка на граѓаните со низок доход, невработени, мерки за финансиска поддршка на стопанството. Мерките во третиот сет се насочени кон ревитализација на економијата со фокус на домашната понуда и таргетираат голем број на граѓани и погодени сектори.“ - стои во ставот од Министерството за финансии. 

Штетите од кризата во охридско струшкиот регион и кај малите и големите бизниси се огромни. Угостителите во неколку наврати досега апелираа и да им се дозволи што поскоро отворање на објектите, но веќе трет месец истите се под клуч, а голем дел од сопствениците направија бројни отпуштања на персоналот.

0 Коментари

Остави коментари