24 Отворено: Корона вирусот “демне” над Македонија?!
Foto

24 Отворено: Корона вирусот “демне” над Македонија?!

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека на аеродромите се активирани повисоки мерки на заштита поради зголеменото движење на патници. Од вчера се скенираат сите патници на аеродромите и граничните премини. Граничната полиција ги прашува патниците дали доаѓаат од критичните региони, а епидемиолог прави интервју за понатамошно тестирање.

“Има 50 работници од Кина кои работат во земјава и тие дојдоа во земјава откако го поминаа 14 дневниот карантин. На овој начин значително се намалува можноста за ширење на вирусот. Патиштата на ширење на епидемијата и паниката се различни. Вирусот се лечи симптоматски, со антибиотици, терапија. Опасен по животот на луѓето е кај повозрасната популација, хронично болните”- додава министерот Филипче.

Епидемиологот д-р Жарко Караџовски вели дека корона вирусот е еден вид на грип но со друг причинител. Има мерс корона вирус кој се пренесува од домашни и диви животни. Сарс корона вирус и сега најатрактивниот ковид 19 вирус.

“Во Кина меѓу населението има обичај да купуваат животни од отворени пазари, непроверени од ветеринарни и здравствени власти и доведува до болести. Има респираторен начин на ширење, преку кивање, кашлање. Мора да има поголема лична хигиена, миење на рацете.Ние сме во жолта подготвителна фаза, треба да се едуцира населението и да обезбедиме капацитети да се справиме со евентуалните опасности”- додава доктор Караџовски.

Според него населението треба правилно да се информира, да не се крева непотребна паника и слободно и без предрасуди да се разговара за вирусот.

“Просечно вирусот може да се детектира по пет до петнаесет дена. Епидемиологот оценува дали лицето да се тестира или не. Преку брис од нос и грло по неколку часа се открива состојбата на патниците. Има доволно тестови за утврдување на вирусот, има и доволно маски и ракавици. И да треба да се набават дополнителни количини има начин преку тендерска постапка да се реши –уверува д-р Караџовски.

Од вчера е подигнато безбедносното ниво во земјава. Управувачките тела и групата за проценка направи анализи за состојбата во регионот -потенцира Марија Малкова од Центарот за управување со кризи. Најави дека овој период ќе почне да се држат едукативни часови како децата и учениците да се заштитат од потенцијалната опасност. Владата донесе одлука да се стопираат сите екскурзии за учениците со цел да се намали опасноста од внесување на вирусот.

Стојан Витанов –македонскиот конзул во Венеција вели дека состојбата во Италија е посмирена. Во црвените зони во градовите во Италија, во регионот на Ломбардија нема информација за македонски граѓани заразени со корона вирус. Овој реон е во карантин, но сепак властите имаат комуникација со нив.

Училиштата се затворени до 1 март и се очекува состојбата да се стави под контрола.

0 Коментари

Остави коментари