24 анализа: Какво судство ветуваат партиите?
Foto

24 анализа: Какво судство ветуваат партиите?

Прочистување меѓу редовите на судиите и обвинителите, формирање нови судови, проверка на судските одлуки, разрешување на судии по автоматизам а со цел македонското правосудство да заличи на европско, ветуваат партиите во изборните програми на две недели пред 15 јули денот кога ќе биде познато чии идеи за независно правосудство ќе надвладеат и колку тие во пракса ќе бидат реално спроведливи.

Правосудството мора да се прочисти од корумпираните судии и обвинители и конечно се создадени сите услови да се гарантира дека политиката не може да се меша во судските одлуки, а сите предмети за висока корупција мора да имаат судска разрешница, пишува во изборната програма на СДСМ. Од партијата ветуваат дека нема веќе да има монтирани случаи, нема да има нови жртви на, како што велат од таму режимот. Ако и се случи тоа, од се' уште актуеланта власт ветуваат дека таквите судии и обвинители ќе бидат разрешувани по автоматизам. 

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека правосудните органи имаат поданички однос кон власта поради што го изгубиле својот професионален интегритет и кредибилитет.

Затоа, меѓу другото од партијата ветуваат обнова на довербата на граѓаните во уставно-правниот и политичкиот систем на Македонија и враќање на правдата и правдината во земјата.

За таа цел, велат од ВМРО-ДПМНЕ, идната Влада ќе подготви документ според кој ќе биде проверувано спроведувањето на европските стандарди и вредности во текстот на сите нацрт или предлог-закони пред истите да бидат испратени во Собранието на гласање. Сите уставни амандмани, предлози и нацрт-закони од правосудната област пак ќе бидат праќани на мислење до Венецијанската комисија нешто што се применува и од се'уште актуелната влада.

А ДУИ, партијата која што верува дека Македонија ќе добие премиер Албанец, ветува дека во првите 100 дена, премиерот ќе формира Врховен суд чија задача ќе биде да води истраги за дискриминација на државно ниво. Идниот премиер на ДУИ уште ветува промени во начинот на функционирање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како и прочистување меѓу редовите на судиите и обвинителите. 

Според Уставот судската власт е една од трите власти, столбови кои го сочинуваат општествено-политичкиот систем на Македонија. Независноста на судскиот систем исто така е гарантирана со уставните начела.

Судиите имаат доживотен мандат освен ако со закон поинаку тоа не е определено и имаат право на слободно судиско уверување при носењето на одлуките. Судиите и обвинителите се бираат и разрешуваат во Судскиот совет односно во Советот на јавни обвинители.

0 Коментари

Остави коментари