Бурни реакции за повторното доделување на државни пари на музичари

12.02.2018 | 17:25
Прочитано: 1777

Годишната програма на министерството за култура и годинава мета на критики. За програмата пристигнале повеќе од 5.000 пријави, сепак финансиски средства ќе добијат само половина од нив. Околу 4,5 милиони денари или 73 илјади евра министерството ќе даде за организација на „Деценија без Тоше“.

На пијанистот Симон Трпчевски Министерството ќе даде 8.000 евра, а  3.000 евра ќе одвои за концертот на Дуке Бојаџиев. Истата сума ќе добијат и браќата Тавитијан и Влатко Стефановски. Покрај нив, за издавање на ЦД близу 5.000 евра ќе добие малиот  Виган Максути од Тетово.  Истата сума повторно била доделена на дванаесет годишниот Виган, но овој пат за субвенција за концерт на кој ќе ги пее своите песни. Предвидено е околу 5.000 евра од министерството да бидат одвоени и за геј-парада. Сепак, најголеми критики министерството доби откако во јавноста се обелодени дека дел од членовите на комисиите добиле средства од проекти во кои и самите конкурирале. Од Минисетрството пак велат дека не станува збор за конфликт на интереси.

„Правото на учество во конкурси е уставно гарантирано право. Ние не смееме било кому да му го одземеме тоа право, доколку за тоа не постои причина. Во овој случај, нема конфликт на интереси бидејќи членовите на комисиите не носеле одлуки за своите проекти, за нив било одлуките биле носени од сосем други комисии, па следствено на тоа Министерството нема право да донесува одлуки со кои би се дерогирале уставните права на граѓаните на еднаков пристап до можностите за поддршка што ги нуди Министерството.“ - се вели во дописот од Министерството за култура.

На објавената програма, вчера реагираа актерите од кумановскиот театар, се жалат за висината на средствата одвоени за театарот и нерамномерната распределба на средствата.

„Ние се надевавме дека од оваа година ќе биде поинаку, но видовме дека ништо не е сменето и големи се разликите во финасирањето на посилните и како минималното финансирање на послабите.“ - велат од Кумановски театар.

Од министерството пак велат дека работат интензивно на обезбедување на услови за работа во кумановскиот театар. Министерот Алаѓозовски при презентацијата на програмата  истакна дека со неа се дава поддршка за проекти што градат едно општество и посочи дека домаќинското работење и одговорноста кон парите на граѓаните биле водечки принципи во процесот. Годишната програма на министерството беше критикувана и во минатото, за селективност, а министерството беше често напаѓано и за транспарентноста во работењето.


Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.