Бунтот во Тимјаник отвора горчливи проблеми

12.06.2018 | 17:39
Прочитано: 4908

Деветгодишните Антонио и Александар се браќа – близнаци и живеат во Скопје. Иако навидум си наликуваат, првите разлики во нивниот развој се појавиле во првите години, кога на Александар му била дијагностицирана церебрална парализа.

Топката е негова пасија. Александар е државен првак во параолиписката игра Бочија.

Најголема поддршка му е семејството. А да се биде родител на дете со попреченост може да се рамне со чин на херојство, особено во Македонија, вака коментираат најзасегнатите од овој проблем, опишувајќи го товарот и  секојдневните предизвици.

„Од скала од 1 до 10 условите во Македонија се -5. Ние не сме до нулата“ - вели Горан.

Освен лична жртва, бара голема посветеност и трпение, со оглед на тоа што првите бариери со кои се соочуваат почнуваат уште со излегувањето од куќниот праг.

Бунтот во Тимјаник, против отворањето на групен дом за овие деца, ја отсликува целата ситуација во Македонија, смета таткото на Александар. Вели недостига моментот на инклузија на овие деца и нивна социјализација со сите останати.

По тензичната средба со мештаните, надлежните рекоа дека ќе се вратат во селото и ќе направат заеднички план – дали разурнатиот објект ќе биде градинка или дом за деца со попречености. Без конкретни детали за планот, од Министерството за труд и социјална политика велат борбата против стереотипите е долга, но се обврзаа дека ќе работат во интерес на ранливите групи.

Иако разочарани и гневни, некои од родителите на деца со попречености,  наоѓаат светла точка дури  во овие околности. Бунтот во Тимјаник, сметаат дека на овој или оној начин, барем отворил дебата за горчливите теми кои се заборавени во Македонија.  Се надеваат дека вака можеби некој ќе го чуе и гласот на безгласните, заборавените. За нивните основни потреби за достоинствен живот.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.