Бугарските и македонските владици во посета на еден од најстарите манастири

17.02.2018 | 20:09
Прочитано: 3703

Историска посета на манастирот Св. Јован Бигорски. Бугарскиот претседател Румен Радев придружуван од двајца митрополити на Бугарската православна црква стана првиот странски државник кој го посетил бигорскиот манастир.

Посетата истакна Радев е од голема важност бидејќи бигорскиот манастир имал големо значење како во минатото, така и сега.

„Ве уверувам  дека ќе си заминам од тука со најтоплите чувства од вашиот братски прием, и ве уверувам дека од тука тргнувам и со чувство на долг. Да работиме за да имаме уште поголема доверба, поголемо пријателство и да бидеме уште многу поблиски“, рече Радев.

Бугарската делегација беше пречекана од митрополитот дебарско-кичевски Г. Тимотеј и од архимандритот Партениј кој им се заблагодари на патријархот Неофит и на Синодот на Бугарската православна црква што испратиле свои претставници кај нив и додаде дека се надева оти Охридската архиепископија, во годината кога го празнува своето илјадалетие, ќе го доживее своето признавање и со посебен Томос од „Мајката на сите цркви“, светата Вселенска патријаршија.

Инаку Светиот Синод на Вселенската Патријаршија се огласи со соопштение во кое ги осудува неканонските контакти на Бугарската Црква со како што ја нарекуваат расколничката православна заедница во Македонија (МПЦ).

Синодот уште истакнува дека тие нерегуларни контакти и дејствија се веќе осудени и од другите православни цркви.

Посетата на Радев на земјава предизвика голем интерес во соседна Бхугарија, најмногу заради тоа што ова е прв пат делегацијата на претседателот да има со себе и двајцата митрополити на БПЦ, Николај Пловдивски и Кипријан Старозагорски.

Токму Митрополитот Кипријан е претседател на комисијата на БПЦ која води преговори за автокефалноста на МПЦ-ОА. Тој беше избран од светиот синод откако БПЦ се согласи да стане црква мајка и да се бори за автокефалноста на МПЦ.


Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.