Борисов изрази жалење, ама не се извини за депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка

12.03.2018 | 17:17
Прочитано: 2806

Жалење и осуда за холокаустот изрази бугарскиот премиер Бојко Борисов по повод 75 години од депортацијата на македонските евреи во логорот на смртта Треблинка. Борисов кој положи цвеќе пред споменикот во Скопје заедно со македонскиот премиер Заев порачаа настаните од минатото да не се повторуваат но и дека одговорноста за мир во регионот паѓа на актуелните политичари кои ги водат државите.

„Ние многу жалиме и затоа сме тука, затоа што секој човек, секој оној кој бил пратен да изгори во логорите не треба да го заборавиме, а тоа не се случи толку одамна. Пред само 20 години и на територијата на Балканот се разгореа ни помалку жестоки и крвави настани. И за тоа дојдовме да ја искажеме нашата почит кон убиените. Да разбереме дека на Балканот треба да градиме, да работиме заедно„ - изјави Борисов.

Сепак по завршувањето на церемонијата на новинарско прашање дали е тешко да се даде извинување од страна на Бугарија за ваков настан, Борисов прашањето го оцени како пропаганда која треба да се адресира на друго место.

„Јас само можам да кажам дека се поклонувам пред бугарскиот народ кој се спротиставил на таа машина и спасиле 48 илјади. А таа пропаганда - другата немојте пред мене.“ - изјави Борисов.

И претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ во кусото обраќање порача дека без сеќавање нема иднина но и никогаш повеќе да не се случат вакви сценарија.

„Се вртија никаде и никому, не беа повеќе ничии деца. Простија, но не  заборавија. За да не се повтори.“ - изјави Берта Романо Николиќ Претседател на Еврејската заедница во Р.Македонија.

На настанот присуствуваа голем број на делегации од владата, собранието , еврејската заедница а присутен беше и амбасадорот на САД Џес Бејли, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски. На премиерите Заев и Борисов во придружба им беше и премиерот на БиХ – Звиздиќ. Ова одбележување е прво во овие 75 години на кое присуствува политичар од соседна Бугарија. На настанот исто така му претходеше и марш кој почна од Музеј на Град Скопје, а заврши во дворот на Тутунски комбинат. После тоа се одржа и комеморативна седница во законодавниот дом на која присуствуваа и пратеници од парламентарното мнозинство, но и од опозицијата.

 

 

 

 


Гаврил Сирачевски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.