Борбата на големите сили околу Сирија се префрли во ОН

15.04.2018 | 17:04
Прочитано: 1646

Ден по воздушните напади врз цели во Сирија, денеска е мирно, откако во вчерашните напади за 50-тина минути биле истрелани над 100 проектили. Западните сили разгледуваат евентуални опции ако сириската Влада повторно употреби хемиско оружје, но засега не се планира нешто посебно, објавуваат светските медиуми.

Предупредувањето доаѓа  откако САД, заедно со Франција и Велика Британија, почнаа воздушни напади врз Сирија, како одговор на сомнителниот хемиски напад на армијата лојална на сирискиот лидер Башар ал Асад.  Западните медиуми во анализите нагласуваат дека вчерашниот напад бил ограничен и дека не станува збор за почеток на поголема и посериозна воена акција, туку за насочени бомбардирања кон одредени цели, магацини и фабрики за производство на хемиско оружје. Шефот на британската дипломатија Борис Џонсон изјави дека нападите биле во вистинска насока за да се спречи натамошна употреба на хемиско оружје.

„Во овој момент нема предлог за натамошни напади. Режимот на Асад не би се решил на уште еден напад со хемиско оружје“. - изјави Џонсон.

Портпаролката на Пентагон Дана Вајт изјави дека воздушните напади успашно ја погодиле секоја цел.

„Ги постигнавне нашите цели. Ги погодивме местата кои се срце на програмата за хемиско оружје. Мисијата е извршена“. - изјави Вајт.

Во меѓувреме пристигнаа инспекторите за хемиско оружје кои треба да ја посетат локацијата на осомничен напад со хемиски отров во сирискиот град Дума. Советот за безбедност на Обединетите нации го отфрли барањето на Русија, која е клучен сојузник на Сирија, нападот да го осуди како неоправдана "агресија" против суверена држава. Франција, САД и Британија работат на текст на нова резолуција во која за првпат се предлага текст во кој се обединети три аспекти на проблемот, политички, хуманитарен и хемиски. Целта не е да се промени управувањето со државата туку да се покаже дека западната воена интервенција во Сирија „и служи на политичката стратегија“. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дријан ја повика Москва да ги поддржи меѓународните напори за изнаоѓање политичко решение за конфликтот во Сирија.

„Треба со здружени напори да го поддржиме политичкиот процес во Сирија, кој ќе овозможи обезбедување излез од кризата“, изјави Ле Дријан во интервју за франциските печатени медиуми.

Папата Франциско ја посвети својата денешна молитва во Ватикан на Сирија и ја повика меѓународната заедница да вложи напори за мирно решение на крвавата граѓанска војна во оваа земја.

„Длабоко сум потресен од актуелната состојба во светот, каде, и покрај сите алатки кои и се на располагање на меѓународната заедница, тешко можеме да се договориме за заедничка акција за мир во Сирија и во другите делови на светот“. - изјави папата.

Сирискиот лидер Башар ал Асад се сретнал со група руски пратеници, при што изјави дека ракетните напади на САД, Британија и Франција врз Дамаск и Хомс се „акт на агресија“. Руските пратеници соопштија дека претседателот Асад ги пофалил руската против воздушна одбрана која, како што велат, му помогнала на Дамаск да собори 71 истрелана ракета во нападите на Сад и сојузниците врз цели во Сирија.


Христо Марковски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.