Антонија Гиговска – победник на „Макфест 2018“

07.10.2018 | 21:51
Прочитано: 5369

Антонија Гиговска со песната насловена „Никогаш не вели никогаш“ е победник на 33-тото издание на фестивалот на забавна мелодија „Макфест“. Второто и третото место им припаднаа на Роберт Билбилов и Дани Димитровска според гласовите на стручното и медиското жири, како и гласовите од присутната публика во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

„Чувството е преубаво, искрено не очекував, ова ми е третпат на „Макфест“, но ете можеби било трета среќа“ - рече Антонија Гиговска по победата.

„Убаво се чувствувам, навистина се трудев да ги направам песните такви какви што се во име на добрата музика“ - вели Роберт Билбилов.

„Убаво е чувството морам да признаам, секогаш признанијата се добродојдени, посебно кога работите на нешто што ви е од огромно значење“ - рече Дани Димитровска.

Најдобрите три композиции и овојпат беа парично наградени со суми од 5.000, 4.000 и 3.000 евра.

Освен овие награди беа доделени и признанијата за најдобар сценски настап на Пепа Димитрова, најдобра вокална интерпретација на Наташа Малинкова, најдобар дебитант беше Мина Блажев, а најдобриот аранжман беше на Роберт Билбилов.

„Се надевам дека имавме успешен фестивал, имаше повеќе композиции кај кои можеа да завршат овие награди“ - велат од организацијата на „Макфест“.

Фестивалот „Макфест“ успеа да ја задржи својата традиција повеќе од три децении благодарение на реномето кое го носи како еден од најзначајните настани за создавање промоција и негување на македонската забавна музика.  

Овогодинешното издание го одбележа комплетно македонска програма со единствено македонски изведувачи, тука вклучувајќи го и ревијалниот дел од програмата каде настапи Дарио. Посебна почест му беше одадена и на прерано починатиот пејач Влатко Илиевски.


Јана Серафимова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.