Анѓушев: Македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна

11.10.2018 | 13:20
Прочитано: 3481

Датумот 11 октомври е еден од најсветлите во македонската историја. Претставува непокор на македонскиот народ, симбол на револуционерната борба на македонскиот народ за своја држава и за просперитет. Денеска повторно сме исправени пред слични моменти, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев кој ја предводеше владината делегација на денешното оддавање почит и положување цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп каде се моштите на 650-те загинати борци од градот - херој.

- Ако во 1941 година 11 октомври бил датум на борба против фашизмот, денеска имаме нови предизвици како македонска држава: да се биде член на НАТО и на ЕУ каде се нуди стабилност, безбедност за нашиот народ. Македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата и секогаш знаел да препознае кој е просперитетот. Се надевам дека и во овие судбоносни моменти на Република Македонија ќе го направиме истото и ќе тргнеме по вистинскиот пат, порача Анѓушев.

Цвеќиња на Могилата положија и делегации на АРМ, на Собранието, на Сојузот на борците, на локалната самоуправа на Прилеп, партии и граѓани.

- Младите генерации секогаш треба да имаат инспирација за патриотизам, своите активности да ги насочуваат за добро на нашата држава и секогаш да имамае почит кон храбрите борци од НОБ и Револуцијата, истакна претседателот на Прилепскиот сојуз на борци, Круме Соколоски.

За градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп е град на непокорот и тоа граѓаните добро го знаат. - Имаме достоинствени граѓани кои секогаш ќе ги почитуваат придобивките од НОБ и ќе го градат и ќе го унапредуваат заедничкиот живот, рече Јованоски.

Почит им беше оддадена и на првиот претседателна президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, како и на идеологот на НОБ и револуцијата Кузман Јосифоски Питу пред нивните споменици во центарот на градот. Делегации се поклонија и пред бистите на 10-те загинати народни херои во НОБ во Алејата на народните херои.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.