Амнестијата на Ѓорге Иванов ги „спаси“ од екстрадиција Грујевски и Бошкоски

18.05.2018 | 14:19
Прочитано: 17180

Разузнавачите-бегалци ќе бидт слободни граѓани во соседна Грција. Горан Грујевски и Никола Бошкоски нема да бидат екстрадирани во земјава. Ова е денешната одлука на Врховниот суд во Атина, кој им ја прифати жалбата и практично го одби барањето на македонското министерство за правда, тие да бидат вратени во земјава.

Според информациите на Тв24, главниот аргумент на грчкиот Врховен суд за да не ги екстрадира во Македонија била амнестијата која ја направи претседателот Ѓорге Иванов пред две години. Во листата амнестирани беа 57мина а меѓу нив и Грујевски и Бошкоски. Тамошниот суд одлучил дека еднаш донесена одлука за амнестија не може да биде повлечена.

Ова го потврди и адвокатот за Тв24, Петар Василев. Според неговите проценки, тие најверојатно од понеделник излегуваат од екстрадиционен притвор во близина на Солун, каде се сместени веќе осум месеци, по апсењето на солунскиот аеродром со лажни пасоши. По излегувањето од екстрадиционен притвор стануваат слободни граѓани во Грција, но немаат право да го напуштат нашиот јужен сосед.

Тие таму чекаат и политички азил, за кој е закажано и рочиште следниот период, но ги чека и судскиот процес за лажните пасоши со кои се претставуваа како Христо Атанасов и Неџми Хасан.

Одлуката за да не бидат екстрадирани во земјава е правосилна и конечна вели адвокатот на разузнавачите, со што се отвора прашањето, како во земјава ќе тече судскиот процес за најголемата афера со прислушувањето без главните обвинети.

 


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.