Агенцијата за храна е за измена на законите за присуство на ГМО

13.08.2018 | 17:41
Прочитано: 2972

Колкава количина на Генетски модифицирана храна влегува и се продава низ Македонија? По случајот со уловената соја со ГМО увезена од Србија, наредена е детална проверка на секоја пратка што влегува во земјава. Претходната недела, Агенцијата за храна и ветеринарство за прв пат детектирала вакви производи, а увозниците и дистрибутерите заработија казни од 5 илјади евра. Дел од јавноста реагира бурно, други пак не им е баш јасно што всушност е ГМО?  

„Што? ГМО? Не знам..“   „Ааа ова во храната што е? Знам дека е штетно за луѓето“ „ГМО?? Па не знам, кај најде сега ова да ме прашаш“ -  велат анкетираните граѓани

Други  се вознемирени. Велат не знаат што купуваат и што консумираат. Децидни се дека на крајот,  здравјето зависи од џебот.

„Ништо добро здраво не јадеме.“ „Колку и да сакаш да бираш, ти не бираш туку џебот ти бира, за здрава храна треба да имаш и здрав џеб“, велат анкетираните граѓани

На светско ниво два табора. Дел од експертите потребата од ГМО ја гледаат во недостигот на храна на светско ниво, други децидно тврдат дека оваа храна има штетни последици за здравјето на човекот.  Крајниот заклучок, надлежните во Македонија  им го оставаат на научниците.  А до тогаш, дел од нив согласни се дека потребна е измена во законите, односно да се дозволи продажба на производи со ГМО, но со јасна ознака на декларациите. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство вели на овој начин крајната одлука ќе ја има потрошувачот.

„Подобро би било така затоа што мора да се одреди прагот на толеранцијата, а и правото на потрошувачот што ќе купува, дали ќе купи или не таква храна, тоа е право на потрошувачот.  Меѓутоа мора да биде информиран дали тој производ има или нема ГМО организми“ , вели  Зоран Атанасов  - директор на Агенција за храна и ветеринарство

Производство и продажба на генетски модифицирана храна во Македонија беше дозволено се до 2013-та година, кога со промена на законот Македонија се дефинира како земја кој има нулта толеранција кон ГМО. Европската регулатива пак е поинкава. Па повикувајќи се на неа, сега и дел од казнетите увозници како на пример Виталиа,  бараат усогласување на домашното законодавство со европските правила.  Дали законот ќе претрпи нови измени по примерот на ЕУ, од Владата не презицираа, велат здравјето на граѓаните ќе им биде највисок приоритет, но и „исполнување на европските стандарди“.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.