180 луѓе останале заглавени во Германија откако бил откажан летот на „Виз ер”

18.03.2018 | 18:29
Прочитано: 11664

180 патници заглавиле на аеродромот во Франкфурт-Хан. Летот кон Скопје со компанијата „Виз ер“ закажан за вчера вечер  им бил одложен  и никој не ги известил до кога треба да  чекаат.

Аеродромските власти таму им соопштиле дека треба сами да се снајдат за да слетаат во Македонија. Дел од нив ја исконтактираа нашата редакција и се пожалија дека немале пари во нив, за да фатат нов лет. На германскиот аеродром им кажале дека компанијата со која летале дополнително ќе им ги врати парите. Неколкумина веќе отпатувале до поблиските градови и резервирале карта до Софија.

„Се чекиравме и ја поминавме пасошката контрола и после три часа чекање не вратија назад.  Јас земав карта од Келн за на 19-ти  да се вратам во Скопје. Имаше слободни летови за наредната недела од други градови без организиран превоз. Едно дете патуваше од Луксембург не знаеше јазик не знаеше за каде да земе карта, кажа дека нема пари во него.“ - вели еден патник.

Патникот кој сакаше да остане анонимен вели дека на имејл адресата добил известување дека летот ќе доцни, но не и дека е одложен. По неколку часа чекање и обиди да добијат информации од „Виз ер“ не му одговориле ништо.

„Единствена помош која ни ја понудија вчера се 4 евра и со тие пари можевме само да си купиме  шише вода.“ - вели тој.

На веб сајтот на скопскиот аеродром стои информација дека летот Франкфурт-Скопје е одложен. Во исто време кога требало да слета тој авион, слетал еден од Приштина, а два тргнале и се вратиле во Виена. Неофицијално, причините се  силниот ветар и невремето кое вчера зафати дел од земјава. Од „Виз ер“ засега не соопштуваат детали, зошто не биле згрижени и помогнати патниците кои чекале во Франкфурт.

Според Регулативата која ги штити правата на патниците, компанијата треба да обезбеди лет со друга авиокомпанија што поскоро, да го врати износот од резервацијата и да овозможи два телефонски повици бесплатно, но и да обезбеди хотелско сместување, трошци за храна.

Еден од патниците вели дека доставил жалба до германска адвокатска агенција за летови и добил повратен одговор дека ќе го испитаат случајот, за потоа да добие обесштетување.


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.