180 илјади евра на јавни набавки потрошило средното училиште „Aрсени Jовков“ за половина година

23.02.2018 | 19:01
Прочитано: 3227

Бројот на ученици се намалувал, но на трошоците преку јавни набавки не се штедело. Според статистиките, средното училиште „Арсени Јовков“ во 2013 година имало речиси 2300 ученици, а на јавни набавки потрошило над 18 илјади евра. Со текот на годините се намалувал бројот на ученици, а опаѓале и трошоците за комунални услуги, но не и сумите потрошени на јавни набавки. Па така, во 2016-та година овој износ достигнал дури 150.000 евра. Стотици илјади евра биле потрошени и лани, а како што веќе објави ТВ 24, само во втората половина на 2017 година, директорката Јованка Лековска, исплатила речиси 187 илјади евра. Рекордни 51 илјада евра добила фирмата ДБ Системи – фирма во сопственост на Дарко Јовановски, чијашто сопруга на Фејсбук е поврзана со директорката Лековска.  Сепак Јовановски тврди дека социјалните мрежи не ја одразуваат реалноста. ДБ Системи добивала пари меѓу другото и за:

→ Набавка на тонери 5.352 €
→ Хигиенски средства 11.508 €
→ Делови за осветлување и електрика 1.435 €
→ Делови за топловодно греење и ВЦ простории 1.417 €

На официјалните канали на ДБ Системи е наведено дека компанијата примарно се занимава со компјутерска дејност и училишна опрема. Сличен е случајот со компанијата Елит- ком која од училиштето добила пари за поправка на столчињата и инвентарот, иако компанијата на својата веб страна навела дека 19 години работи со компјутери. Сепак за училиштето набавувала и фудбалски топки, карти по историја, географија, душеци и опрема за спорт, а лани добила 47.300 евра.

Две илјади помалку, лани директорката Лековска од името на „Арсени Јовков“ исплатила на фирмата АЛДЕС ДООЕЛ и тоа за:

→ Санација на тоалети 3.919 €
→ Адаптација на училишен простор 10.553 €
→ Молерисување на училишна зграда 9.737 €
→ Санација на оштетени ѕидови и тавани 16.287 €

Оваа фирма е во сопственост на Љупчо Костадиновски, кој предава во една скопска гимназија, а неговата сопруга, Драгица Костадиновска е директорка на ГУЦ „Здравко Цветковски“. Таа пак на социјалните мрежи најчесто може да се забележи во друштво на директорката Лековска, од која Костадиновски добил пари за поправки во училиштето. Фотографиите испратени до нашата редакција покажуваат дека условите во училиштето изгледаат како да никогаш да не биле санирани. Директорката на „Арсени Јовков“ цела недела не одговара на нашите повици и пораки по електронски пат, а нема ниту одговор на нашето официјално барање за влез и снимање. Извори на ТВ 24 посочуваат дека училиштето деновиве е под силен инспекциски надзор, а градоначалникот Шилегов вчера најави евентуална промена на раководната позиција доколку се утврдат незаконски постапки.


Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.