„Зеленото Скопје“ постои, кој да го види?

21.06.2018 | 17:37
Прочитано: 3575

Масовни зелени појаси со џунглеста вегетација ја обиколуваат периферијата на загаденото Скопје. Белите дробови на градот се отсечени, запоставени и скоро непристапни.

Најголемиот дел од патот од Количани до Алдинци наликува на некоја етапа од најавантуристичкото рели Париз – Дакар, а масовните шуми во пространството ви даваат чувство како да лебдете над цело Скопје.

На 20-30 километри од центарот на Скопје, низ тешко пристапен терен, се кријат убавините на скопска Јакупица. Во седумдесеттите години тука имало и регионален пат граден по сите стандарди, а некогаш тука минувала и автобуска линија. Денес тука можете да стигнете само со теренско возило, или возач со мајсторски шоферски вештини.

Благодарение на нашиот снимател и релист, се качивме на вртот. Под падините на Китка се крие селото Палиград. Некогаш  тука имало неколку стотини куќи. Денес, може да ве пресретне само залутан добиток и по некој упорен старец, кој не се откажал од родното место. За нас тоа беше Рафис.

„Никој не те прашува каде живееш што живееш. Никој не прашал како немало пат како функционирате така? А кога има гласање, сите трчаат нагоре со џипови“, вели  Рафис Исеновски – жител на Палиград

Поголем дел од  жители од овие краеви, низ годините се преселиле во некоја од поградските населби. Сепак, земјоделските обврски секој ден ги носат тука, а патот до врвот секогаш им е нова авантура.

„Нива имам тука. Ама гледаш каков е патот..Ова не е пат, ова е катастрофа“, вели  Жител на Палиград

Жителите од овој регион бараат државата да се заложи и да ги реши барем основните проблеми. Со блокади на патишта и протести, побараа санација на патот, кој е единствен што води до нивните домови.

„Затоа и се одржа протестот, да не слушнат и да не видат. Зашто сепак се работи за регион, а не некои индивидуални куќички“, вели  Гоце Чакаров – планинар 

Надлежните тврдат дека не го заборавиле овој реон, но административните пречки, ги попречиле сите обиди за санација на регионалниот пат. Азем Садики, градоначалникот на Студеничани, се жали дека неколкупати аплицирале за владини и европски фондови, но не наишле на слух од другата страна.

„Ќе барам директна средба и кај вицепремиерот Анѓушев и кај премиерот“, вели Азем Садики – градоначалник на општина Студеничани 

И засегнатите општини, но и извршната власт, ветија дека ќе се заложат да го вратат животот и во овие предели на Скопје, но не прецизираа кога.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.