„Скопје танцовиот театар“ - единствената компанија од регионот со настап на престижниот „Холанд денс фестивал“ во Хаг

07.02.2018 | 19:24
Прочитано: 2014

„Скопје танцовиот театар“ овие петок и сабота ќе учествува на престижниот „Холанд денс фестивал“ во Хаг, Холандија, како единствената компанија од Македонија и од целиот регион на овој фестивал од неговото основање до денес.

На деветти и на десетти февруари, во хашкиот култен простор „Корзо“ ќе настапи со претставата „Кожа“, која е составена од три кратки кореографии: „Котел“ на Рисима Рисимкин, „Погрешно“ на Адријана Данчевска и „Истиот извор“ на Матеа Киселичка, со музики на, редоследно - Тони Китановски, групата „Верка“ и на Бајрон Меткалф. Костимографијата е на Благој Мицевски.
Во претставата играат: Матеја Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова, Сара Цветковска, Бобан Русески и Тереза Лазарев.

„Холанд денс фестивал“ е еден од најзначајните фестивали за современ танц во Европа и во светот кој се одржува повеќе од триесет години, и важи за манифестација која ги презентира најдобрите европски и светски танцови компании. Во својата програма спојува извонредни танцови компании и исклучителни кореографски имиња, како Матс Ек, Јиржи Килијан, Ана Лагуна, легендарната компанија на Марта Греам од Њујорк и Мурад Мерзуки.

Во склоп на фестивалот во Хаг, уметничката директорка на „Скопје танцовиот театар“ - Рисима Рисимкин која е најавена како „македонската Пина Бауш“ ќе одржи и работилница.

Ова е огромен успех за Македонија и за „Скопје танцовиот театар“, кој во април ќе одбележи седум години постоење.


Огнен Јанески
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.