„Репортери без граници“

25.04.2018 | 17:23
Прочитано: 864

Македонија се најде на 109-то место во најновиот извештај за слобода на медиумите на Репортери без граници. Иако државата постигна напредок во споредба со минатата година кога се најдовме на 111-тата позиција, сепак и понатаму сме меѓу најлошите во регионот.

Во извештајот на организацијата се наведува дека систематските напади на слободата на медиумите била констатна појава за време на децениското владеење на Никола Груевски, но и дека јавниот радио-телевизиски сервис се уште е во служба на ВМРО-ДПМНЕ.

„За време на десетгодишното владеење, Груевски воспостави ниво на контрола врз медиумите што не можеше да се спореди со ниедна друга балканска земја, а многу опозициски медиуми мораа да згаснат. Падот на режимот на Груевски доведе до намалување на владината контрола врз медиумите, но се уште е рано со сигурност да се оценат владините намери да создаде трајно подобрување на ситуацијата.“ - се наведува во извештајот.

Од организацијата велат и дека покрај малото подобрување на состојбата, сепак нема значителни промени во однос на економската ситуација на новинарите во Македонија кои се слабо платени, а работните места не им се сигурни.

Од земјите во во регионот, најслободни медиуми има во Словенија која е на 32. место додека пак најслабо пласирана е Бугарија која се наоѓа на 111. место.

Во годишниот извештај, невладината организација предупредува дека и слободата на медиумите во светот е намалена, а омразата кон новинарите се засилува особено во Европа и во САД. Се истакнува и дека говорот на омраза и напади врз новинарите веќе не се присутни само во авторитарните држави и дека во голем број на земји, политичарите па дури и некои претседатели ги навредуваат критичките новинари како предавници или терористи.

„Мислам дека развојот на настаните во Централна и Источна Европа јасно ни укажува на тоа дека се соочуваме со се уште не воспоставени демократии, чие што членство во Европската Унија можеби дојде прерано.“ - изјави Кристијан Мир – претседател на репортери без граници за Германија.

Четири од најголемите регистрирани падови се во европски земји. Чешка, каде претседателот Милош Земан излезе на прес-конференција со Калашников со натпис за новинари, падна за 11 места и сега е на 34 позиција. Словачка, каде поранешниот премиер Роберт Фицо ги нарече новинарите „прости и глупави хиени“, падна за 10 места и сега се наоѓа на 27 позиција додерка пак Малта, каде беше убиен новинар кој ја истражуваше корупцијата, падна за 18 позиции и сега се наоѓа на 65-то место. Под администрацијата на Доналд Трамп, САД падна за две позиции и е рангирана на 45. место.

Во светот најслободни медиуми има во Норвешка, Шведска и Холандија, а слободата на медиумите е најзагрозена во Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.


Стојанчo Мицевски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.